Subject: Other medical sciences
Year: 2026
Type: Thesis
Type: NonPeerReviewed
Title: Развој и валидација на метод базиран на течна хроматографија за определување на мелоксикам и негови сродни супстанции при испитување на стабилност во раствор за инјектирање
Author: Karpicarov, Dino
Abstract: Вовед: Контролата на квалитетот и следењето на стабилноста на парентералните фармацевтски дозирани форми бара примена на селективни, робусни и регулаторно усогласени аналитички методи. Мелоксикам, како нестероиден антиинфламаторен лек, присутен во форма на раствор за инјектирање, подлежи на строги барања за контрола на содржината и профилот на онечистувања, особено во контекст на испитувањата на стабилност. Современите регулаторни насоки сѐ повеќе го назначуваат значењето на систематски пристапи кон развојот на аналитички методи, вклучително и аналитички квалитет во дизајн и квантитативна проценка на мерната неодреденост. Цел: Целта на овој докторски труд е развој, оптимизација и валидација на методи базирани на течна хроматографија со високи перформанси за определување на содржината на мелоксикам и за следење на стабилноста преку квантификација на неговите сродни супстанции и/или деградациски производи во раствор за инјектирање, со примена на комбиниран традиционален и пристап базиран на аналитички квалитет во дизајн, потпомогнат со интеграција на софтверските алатки DryLab® и MODDE®, како и со систематска проценка на мерната неодреденост. Материјали и методи: Развојот на аналитичките методи беше изведен преку комбинација на традиционален пристап и пристап базиран на аналитички квалитет во дизајн, при што DryLab® беше користен за предиктивно моделирање на ретенцијата, а MODDE® за дизајн на експерименти, оптимизација и проценка на робусноста. Беа развиени метод за определување на содржина и метод за следење на стабилност, при што селективноста беше потврдена преку студии на форсирана деградација (кисела, базна, оксидативна и термална). Методите беа валидирани согласно релевантните регулаторни барања. Мерната неодреденост беше проценета со примена на пристапите одозгора-надолу и одоздола-нагоре, со цел да се интегрира варијабилноста на аналитичкиот процес во конечниот резултат. Резултати: Развиените методи базирани на течна хроматографија под висок притисок, покажаа соодветна селективност, линеарност, чувствителност, точност, прецизност и робусност, како и способност за јасно раздвојување на мелоксикам од неговите сродни супстанции и/или деградациски производи. Пристапот базиран на аналитички квалитет во дизајн овозможи дефинирање и експериментална потврда на работната област на дизајн на методот, со значително намалување на бројот на експерименти и потрошувачката на ресурси во споредба со традиционалниот пристап „еден фактор во дадено време“. Проценката на мерната неодреденост овозможи резултатите да се изразат како интервал со дефинирано ниво на доверба, што ја зголемува нивната аналитичка и регулаторна релевантност. Заклучок: Комбинираната примена на аналитички квалитет во дизајн, софтверски потпомогнато моделирање и квантитативна проценка на мерната неодреденост, претставува ефикасен и научно оправдан пристап за развој на робусни методи за следење на стабилноста. Воспоставената методолошка рамка не е ограничена само на раствори за инјектирање, туку претставува добра основа за развој и адаптација на аналитички методи применливи во контролата на квалитет на различни фармацевтски дозирани форми што содржат мелоксикам, како и за понатамошна дигитализација на аналитичкиот развој.
Publisher:
Relation: https://eprints.ugd.edu.mk/38310/
Identifier: oai:eprints.ugd.edu.mk:38310
Identifier: https://eprints.ugd.edu.mk/38310/1/DT_DK_2026_konecna.pdfIdentifier: Karpicarov, Dino (2026) Развој и валидација на метод базиран на течна хроматографија за определување на мелоксикам и негови сродни супстанции при испитување на стабилност во раствор за инјектирање. Doctoral thesis, Goce Delcev University.